HOME
ARCHIVES
MAPS
LINKS
CONTACT US
.
ГЛОБAЛИЗЪМ  И  РЕГИОНАЛИЗЪМ
Проф. д-р 
MИPJAHA МАЛЕСКА
Македония
БОЛНИ СООЧУВАЊА 
 (причините и последиците од безбедносната криза во Македонија)
Balkans'21 - volume 1 / 2002
    1. Концептот за Македонија како нација-држава (национална држава на македонскиот народ) со Рамковниот договор, склучен во Охрид на 13 август 2001, помегу лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, во голема мерка е напуштен. 1
Договорот е потпишан по осумесечни вооружени судири меѓу силите на централната власт и локалните вооружени групи на етничките Албанци (така наречената, Ослободителна Национална Армија-ОНА), со посредување на  Западните земји, кои покажаа дека можат одлучно да интервенираат. 2  Безбедносната криза  ја исцрпи ионака слабата економија на Македонија и ја доведе земјата на работ на граѓанска војна. После повеќемнесечни зачестени летања мегу Брисел и Скопје, генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, изгуби  трпение и порача на македонската јавност: ”Време е да поминете од Устав на леб и путер”.3  Со право, бидејки според сите извештаи кризата во Македонија уште повеќе ја зголеми сиромаштијата и невработеноста. Официјалните статистички податоци се безмилосни: од 1991 година до денес, бројот на невработените е двојно зголемен: од 166 000 лица невработени во 1991г. до сегашните 354 000 лица што немаат работа 4. Линијата на сиримаштијата е во константен пораст иако според  изготвената стратегија за нејзино намалување, бројот на сиромашните во наредните три години треба да се намали за три проценти. 5  Самата криза, во последната година (2001) создаде дупка во платниот биланс на земјата од 80 милони долари така што парите од очекуваната донаторска конференција ќе бидат наменети за пополнување на овој дефицит и за реконструкција на оштетаните објекти, пред да може да се оди понатаму во инвестирање за развој. Се воведе воен данок кој го оптовари стопанството и Македонија ќе биде единствената земја во Европа, што заради кризата оваа година ќе забележи негативна  стапка на домашниот бруто производ, предупредуваат представници на владата, илустрирајки ја така тезата на која кај нас често се заборава дека економијата е политика и обратно. 6
      По вака отрезнувачки показатели, би требало да надвладее разумот, да се собере храброст и да се тргне по нов пат. Мегутоа, на самиот ден на потпишување на Рамковниот договор се случи инцидент, кој речито зборува дека,  недостасува воља или  пак е таа многу слаба. На свеченоста по повод потпишување на договорот, на која беа присутни представниците на ЕУ, Х.Солана, Џ.Робертсон, М.Џоана, медијаторите, Ф.Леотар и Џ.Пердју, пред камерите на бројните известувачи, лидерот на ДПА, А.Џафери, се обрати на јавноста  на албански јазик.  Правото албанскиот јазик да се употребува како втор службен јазик, тукушто беше утврдено со Рамковниот договор. Па сепак, премиерот, Љ. Георгиевски, го доживеа тоа како “студен туш“ и демонстративно ја напушти конференцијата за печат. Остана да виси во воздухот непријатно чувство на неискреност во однос на  почитувањето на тукушто потпишаниот договор! 
       За општото расположение кон Рамковниот договор сведочат  и извештаите на новинарите  кои беа присутни на седницата на која се изгласаа уставните измени. Вообичаено, тој момент  е проследен со свечена радост но во овој случај, атмосферата во собраниската сала, на 16 ноември, во еден часот по полноќ, била траурна.7  Некои од пратениците дури му довикнале на председателот на републиката:”Предавник”! Слична демонстрација на незадоволство и бојкот, се повтори една година подоцна, за време на  декемвриската годишна “адреса” на председателот Трајковски пред Собранието. Салата беше полупразна. Што се однесува пак до представниците на меѓународната заедница, тие ја поздравија одлуката на Собранието за прифаќање на Рамковниот договор,  како “историска”  и како одлука “за мир и помирување”. 8
       Нема никакво сомнение дека етничките Македонци, напуштањето на концептот за нација-држава го доживеава како срамно понижување, изнудено под притисок на оружјето, при што мегународната заедница е обвинета за пристрасност кон албанската кауза. “Пораз”, “рана”, “срам”, “клекнати на колена”, се зборови на неумерени емоции во медуимите на македонски јазик и бездруго не помагаат да се смири општата состојба. Така почетокот  од новата страница, во историјата на Македонија, не ветува многу. 9
Концепт на нација-држава
      Десетгодишното искуство од серијата  брутални етнички војни водени врз урнатините на некогашна Југославија, покажа дека на дневен ред на најновата историја на овој дел од Балканот е создавањето на национални држави. Југославија се распадна заради екстремниот национализам кај сите југословенски народи, но пред се кај Србите и Хрватите, кој прерасна во етничка војна. 
      Кусо навраќање на историјата говори дека во првата половина на 20 век, низ потреси на една светска и неколку локални војни се распаднаа Австроунгарската и Отоманската империја и во  процесот на смирување на регионот, се создаде заедничката држава на Србите, Хрватите и Словенците-Југославија, која уште веднаш се соочи со појави на иредентизам и сепартизам. По Втората светска војна, во новонастанатиот историски контекст на блоковски поделен свет, Југославија се преобрази во федерација сочинета од шест рамноправни  нации на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците, Црногорците, Бошњаците (Муслиманите) и неколку други национални малцинства (Албанците, Маѓарите и т.н.) Околностите а пред се националната безбедност на овие народи  наметнаа  федеративно решение, кое релативно успешно ќе функционира седумдестина години. Мегутоа,  во 1999 кога Југославија и Советскиот Сојуз започнаа да се разградуваат, се јави итна потреба  од редефинрање на  прашањето за националнатата безбедност на народите што ги сочинуваа овие федерации. За жал во Југославија тоа се направи на најлош можен начин преку политика на екстремен национализам и шовинизам. 
      Бидејки федерацијата забрзано се распаѓаше, народите кои ја сочинуваа започнаа нагласено да го јакнат својот национален идентитет, како гаранција за зголемена безбедност - релативно нов феномен, особено во однос на искуството на  Западна Европа. Имено,на почетокот на деведесетите години, Европската заедница се занимаваше со  интеграција и не успеа да реагира благовремено, ниту сосема непристрасно во однос на дезинтеграцијата и етничките судири во Југославија. Со тек на годините, а особено во поглед на кризата во Косово и Македонија, ЕУ реагираше далеку поодлучно и поединствено иако верувам дека има некои прашања за кои ќе се расправа и понатаму. 
      Во случајот на Македонија, како феномен сакам да го истакнам тоа што, туѓиот национализам лесно го препознавме и осудивме, додека кон спствениот  сме полни со оправдување и разбирање. Кога стануваше збор за политиката на Милошевиќ во Босна и Косово, немаше дилеми кај македонската интелегенција дека станува збор за великосрпски националзам и шовинизам. Мегутоа,  да им кажете денес на некои  видни новинари од тиражните дневни весници на македонски јазик и телевизиските куќи, како и на некои истакнати интелектуалци, дека со своето пишување во текот на кризата подбуцнувале на нетрпеливост  и  омраза што можеше да се изроди во граѓанска војна, многу ќе се зачудат, зашто хероизмот кој инспирира на  славни дела како и национализмот кој води кон деструкција а некогаш води и кон злодела, се многу блиски состојби на духот кои потекнуваат од ист извор на зовриени емоции.  Меѓутоа, треба отворено да се каже дека во текот на политичката и безбедносната криза во Македонија во 2001, мнозина намерно  создаваа атмосфера на нетрпение и омраза спрема Албанците и спрема Запад одн. САД, НАТО и манипулираа со јавното мислење. Со тој факт  допрва ќе се соочуваме и се надевам дека  мнозина ке се засрамат заради своето поведение.10
      Во 1991година, тукушто изгласаниот  устав на самостојна Македонија, го отслика реалниот распоред на општествените сили. Парламентот составен од повеќе партии изгласа дека Македонија представува национална (унитарна) држава на македонскиот народ, (во кој ранмноправно живеат и граѓани од други националности). Македонската православна црква, доби статус на национална црква а македонскиот јазик беше прогласен за единствен службен јазик што се употребува на територија на целата држава. Уставот на малцинствата им гарантираше право на задолжително основно и средно образование на мајчин јазик и службена употреба на нивниот јазик во општините каде тие сочинуваа мнозинство, како и некои други права (на развивање на својот идентитет и култура итн.), кои воопшто не беа за потценување и продонесоа за еманципација на малцинствата во Македонија.11 Сепак многу отворени прашања наредните десет години останаа без соодветен одговор. Представниците на етничките Албанци во Собранието (партијата ПДП), не беа задоволни од уставните решенија кои очигледно беа под нивото на она што им беше ветено во политичкиот процес кој му предходеше на уставот, очекуваа од демократијата поголеми права отколку што ги имаа во еднопартискиот систем и не гласаа за Уставот.12 Наредните години тие, како и другите политички партии на етничките Албанци, кои подоцна ке се појават на политичката сцена во Македонија (како на пример ДПА на А.Џафери, која ќе стане дел од власта по изборите во 1998) постојано ќе го истакнуваат мајоризирањето на Албанците во државата, барајки статус на втор рамноправен народ и сите права на “делење на власт” што произлегуваат од таквиот статус: конфедерација, федерација,  автономија и консенсуално одлучување. Во драматичните времиња на распагањето на југословенската федерација, кога секоја нација настојуваше да извлече најмногу од она што секој подразбираше под поимот “национален интерес”, стратегијата на етничките Албанците се градеше на релација меѓу Приштина, Тирана и Тетво/Скопје. Уште на почетокот на деведесетите години, сегашниот министер за надворешни работи на Албанија Паскал Мило, во текст објавен во скопското списание: “Балкан Форум” напиша дека приоритет на албанската надворешна политика е независност на Косово, конфедерација,федерација или автономија за етничките Албанци во  Македонија и решавање на имотните прашања на протераните Албанци од Чамарија (Грција). Најекстремна манифестација на оваа национална стратегија на Албанците од Македонија беше прогласувањето на Република “Илирида”, непосредно по донесувањето на уставот на Македонија. Иако денес некои од создателите на “Република Илирида”, велат дека не се работело за сецесионизам, туку за територијално-политичка автономија, факт е дека во контекстот на распаѓање на југословенската федерација, таков чекор на македонските Албанци беше сигурен пат за етнички конфликет.13  Впрочем, најновата криза е потврда дека за било какво решение потребна е согласност на двете етнички заедници во Македонија. “Република Илирида”, не доби отворена подршка од Запад и од Тирана, а реакцијата на македонската централна власт беше умерена. Албанија тогаш се наогаше во исклучително тешка економска и политичка положба и сметаше на помош пред се од Запад, иако ги користеше  мегународните форуми  за да врши притисок врз Скопје. 
---------------
1 Рамковниот договор го потпишаа лидерите на двете најголеми  политички партии на Македонците и двете политички партии на Албанците од Македонија: Љупчо Георгиевски (ВМРО-ДПМНЕ), Бранко Црвенковски (СДСМ), Арбер Џафери(ДПА) и Имер Имери (ПДП). назад
2 Способноста одлучно да се интервенира не подразбира дека во донесувањето на одлуките немало проблеми. Во интервјуто за “Форум”, од 14.12.2001г. амбасадорот на ОБСЕ во Македонија,Крејг Џенес вели:”Немам никакво сомневање дека меѓународната заедница правеше грешки.И јас лично правев некои грешки. Една од грешките коишто се направија е оставениот впечаток дека меѓународната заедница е накаква монолитна суперструктура која што секогаш знае што сака и што прави. А всушност се работи за многу различни личности коишто потекнуваат од десетица различни земји, кои ги имаат истите човечки слабости како и овдешните луѓе. Значи нема сомневање дека имаше работи кои може многу подобро да бидат направени...” назад
3 Дневник од 26 октомври 2001 г. ги цитира зборовите на генералниот секретар на НАТО, Џ.Робертсон на дебатата на Алијансата со новинари од неколку македонски медиуми(без новинари-Албанци):” Децата не можете да ги храните со Устави. Време е од Уставот да поминете на леб ин путер”, рекол Робертсон. назад
4 Во Утрински весник од 29 октомври 2001, се изнесени податоци дека индексот на сиромаштијата пораснал на 40% .Тој расте и кај високообразованите и според минатогодишните податоци, достигна 3,7% што е пораст од 2,3% во однос на 1997г. Во земјата има 500 000 сиромашни лица а околу 77 000 семејства се корисници на социјална помош во висина од 1 700 денари или околу 25 евра. За потрошувачката кошница, во која би се нашле основните животни продукти, едно семејство треба да издвои 11 000 денари а просечната плата е некаде околу 10000 денари. Буџетскиот суфицит во меѓувреме се претвори во огромен дефицит од 80 милиони денари. Според изјавите на Н.Груевски, министер за финансии во владата на Љ,Георгиевски, З.Крстевски, вицепремиер во истата влада и Н.Николовска, професор, донаторската конференција за Македонија треба да ја покрие пред се дупката во платниот билананс од 80 милиони долари. Според Груевски, покрај тоа, парите од донаторската конференција ќе бидат потребни за реконструкција на оштетените објекти и за имплементација на Рамковниот договор (Актуел, 7 декември, 2001) назад
5 Во текстот: ”Македонија станува земја на гладни луѓе”, објавен во “Утрински весник”, од 14 декември 2001, новинарот А.Стевковска изнесува званични податоци дека вкупниот збирен индекс на релативната сиромаштија во Македонија од 1997 до 2000 се движи вака: во 1997 тој е 19,0; во 1998г тој е 20,7; во 1999 тој е 21,0 а во 2000 тој е 22,3. Индексот на далбочина на сиромаштијата од 4,6 во 1997 достига во 2000 г., 6,0. назад
6 Според изјавата на советникот во владата, проф. Трајко Славески, објавена во “Утрински весник” од 14 декември 2001. Во “Дневник” од 20 септември 2001, Д-р Славевски изнесува податок дека со неодамнешниот ребаланс на државната каса, министерството за одбрана добило наместо планираните 123 милони марки, 317 милиони марки повееќе или  440 милиони марки. На министерството за внатрешни работи, кое има мирндопски буџет од 147 милиони марки, сега има дозвола да потрши 267 милиони марки одн. 120 милиони марки екстра средства. Тој ги критикува овие министерства дека се однесувале многу нерационално во трошењето на средствата. назад
7 “Утрински весник” од 17-18 ноември, 2001, известува дека македонскиот парламент на својата седница на 16 ноември, по тринаесетчасовна дебата, во еден часот по полноќ со 94 гласа за, и 13 против, ги усвои измените во Уставот, што произлегуваат од Рамковниот договор. Новинарот на Утрински весник, О.Војновска пишува:”...самиот чин беше далеку од свечен. Напротив, атмосферата во парламентот и во пленарната сала, без нималку претерување, беше траурна. Беше толку очигледно дека пратениците воопшто не беа среќни што ги притиснаа зелените копчиња, впрочем киселиот израз на нивните лица говореше за тоа како без расположени. Некои од пратениците во задните редови, во моментот кога Трајковски (председателот на државата) се појави во салата, извикаа, уа предавник!” 
Индикативно е да се забележи дека на годишното обраќање на председателот Трајковски, на 21 декември,2001г. во Собранието, салата беше полупразна. Новинарката на “Утрински весник”, О.Бојновска забележува дека паднало во очи одсуството на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ;дека некои пратеници од оваа партија му се подсмевале, му дофрлале и дека во целина атмосферата во салата била многу непријатна. назад
8 Изјаваи на Х.Солана и Џ.Робертсон, пренесени од страна на “Утрински весник” од 17-18 ноември, 2001г. назад
9 “Поразена, ранета и посрамена, Македонија се поготвува за избори...”, го започнува својот коментар , главниот уредник на најтиражниот дневен весник на македонски јазик, “Дневник”, Б.Геровски. Речиси во целокупниот печат на македонски јазик превладува истото чувство дека е Македонците доживеале пораз, срамота, понижување. 
Во истиот весник, на пример, на само во уредничките коментари туку и во информативните текстови, не се пропушта да се соопшти несогласувањето на редакцијата со политиката на државниот врв и мегународната заедница. (“под уцена на мегународната заедница” е една од најчестите фрази) 
Во уводникот на Актуел (18 мај, 2001) уредникот Ј.К.Кртолица ја обвини НАТО алијанската за пристрасност:”Првиот човк на НАТО алијансата, во чии прегратки раснеше ОВК и се изроди ОНА..” назад
10 Пред пристигнувањето на НАТО мисијата во Македонија: ”Жетва”, се создаде такво анти-западно и анти-НАТО расположение, што не случајно група млади луѓе, ја каменуваше колоната на НАТО војници, при што загина англискиот војник Иан Колинс. назад
11 Во текстот:”Албанците во Македонија живеат најдобро на Балканот” објавен во Утрински весник од 31-1 април 2001г., новинарот Г.Дувњак изнесува повеке показатели. Учеството на албанската популација во администрацијата бележи нагорен тренд. Во 1993 етнички Албанци во администрацијата имало 3%, додека тој број денес достига близу 10%. Во Републичкиот судски совет, од седум члена, двајца се Албанци. На последните локални избори, од 123 општински центри, во 26 за градоначалници се избрани Албанци а голем е бројот на општинските совети во кои мнозинството го сочинуваат советници од албанските партии. 
Од вкупниот број запишани ученици во основните училишта во учебната 200-2001г., 30,41% се Албанци или 77 479 ученици кои се распоредени во 2986 класа. Во средните училишта, бројо на учениците Албанци изнесува 15 302 или 17% кои учат во 450 класа. На факултетите во Македонија, мегу останатото благодарение на “позитивната дискриминација”, се зголемува бројот на студентите од албанска националност а расте и бројот на весници, списанија и книги на албански јазик . назад
12 Според “Актуел” од 14 септември, 2001, новинарката Ј.Дуковска во текстот:”Досие Македонци и Албанци” пишува дека според анонимни извори во 1990г. на една средба во Охрид  тогашниот председател К.Глигоров на некои од тогашните албански политичари од Македонија им ветил културна автономија, но дека ветувањето никогаш не било исполнето. Самиот К.Глигоров во објавените мемоари, “Македонија е се што имаме” потврдува дека Албанците упорно настојувале да им се определи во уставот позиција на “конститутивен народ” “изразувајќи незадоволство особено за оние предложени уставни решенија кои за некој степен беа, така да речам под нивото на поранешните, особено оние на уставите од 1974..”  назад
13 Во Интервјуто за Актуел од 8 јуни 2001г, еден од учесниците во создавање на “Република Илирида” Мирхад Емини, изјави дека барањето за територијално-политичка автономија на Албанците во Македонија не беше барање за отцепување на Албанците, туку барање за рамноправност и нивно подобро вклучување во системот на државата. “Странците и официјалните лица од Тирана ни рекоа, “не”, ми раскажуваше многу подоцна еден од креаторите на “Илирида”, кој сакаш да остане анонимен. назад
 
назад
 Web-designer: Plamen Ivanov - KOTA - Sofia - Bulgaria
 напред